Слободна Зона

Thursday, June 16, 2011

T.Б. ТРАЧЕРИ (25.02.2011г.) @ Клуб „Ефект“ - ВИНИЦА

     Од неодамна низ Виница почнаа да се шират трачеви за уште еден терористички напад на бандата рокенрол ѕвезди, ТРАЧЕРИ. Виничката публика (секако и гостите од другите градови) не останаа рамнодушни после нивниот прв концерт во нашиот град (на 08.01.2010г.) и со нетрпение го исчекуваа нивниот нареден концерт кој овојпат се одржа на една локација на чија сцена никогаш не би помислиле дека ќе настапи еден ваков бенд. Да, станува збор за ноќниот клуб „Ефект“. Сега кога веќе некој го скрши мразот можеби ќе имаме прилика почесто да следиме настапи на бендови од ваков тип.
     По дружбата со бендот и ’загревањето’ во кафе „ВИП“ Виничката елита (како што Кирил Арсов ги нарече своите фанови)ја продолжи својата ефектна ноќ на местото на настанот.
     За експлозивниот настап на Т.Б. Трачери не припремија еден нов винички состав кој го подготви својот репертоар “со брзината на светлината“. А баш ви звучеа како да се спремале со месеци, нели? Овој бенд изведе четири песни од кои три беа авторски, дела на професорот Орце Павлов, кој имавме прилика да го видиме на сцената како вокалист и басист, придружуван од Кристијан Стоименов и Зоран Павлов на гитара и Дејан Јефремов на тапани.
     Трачери во состав Кирчо Арсовски (вокал, гитара), Кирил Арсов (бас гитара, придружен вокал), Ивица Димитријевиќ (гитара) и Андреј Анастасов (тапани)два часа по полноќ ја нападнаа публиката со своите рокенрол хитови: „Мама не ти дава“, „Kinky”, „She’s a bomb”, „Трач мантра“, „Ја сам убав“ и други. Легендарната музика на овој бенд во комбинација со лајт-ефектите направија публиката да ги почувствува вибрациите на шлагерскиот бран кој го преплавуваше клубот неполни два часа. Енергијата и еуфоријата во клубот непрестајно извираше од инструментите на овие четири музичари од кои на фановите никогаш не им е доста. Успеавме да се “исценкаме“ со нив за еден бис кој тие со задоволство го изведоа за своите љубители. Ја имавме честа и да проследиме неколку од новите песни од нивниот најнов албум, кој после долго исчекување и одложување ќе излезе во продажба во некој од наредните месеци.
     Благодарноста за овој легендарен концерт им ја должиме на најефектниот клуб „Ефект“, музејот „Теракота“ и секако најдобриот македонски рокенрол бенд Т.Б. Трачери.
     (П.С. Велат ако има прв пат не значи дека ќе има и втор. Но, ако има втор пат сигурно ќе има и трет. Виничката сцена можеби ќе им стане едно од најомилените места за настап на овој бенд. :) )

Mаријана Иванова

*Рецензијата беше објавена во локалниот винички весник ,,Винеам‘‘ во 2011г.




No comments:

Post a Comment