Слободна Зона

Thursday, June 16, 2011

...за ,,Ако никој не свири’’

          ,,Ако никој не свири‘‘ е македонски документарен филм кој преку музичката кариера на Васко Атанасоски (FxPxOx, Bernays Propaganda, Xaxaxa) отсликува дел од скопската hardcore punk, straight edge сцена во изминативе десетина години, и инди рок сцената која кај нас е се повеќе барана во последниве неколку години.
         Хардкор бендот FxPxOx (Forever Positivly Obsessed / Засекогаш Позитивно Опседнати), во кој фронтмен е токму Васко, опстојува како состав од 2001 до 2008 година, со својата идеологија инспирирана од анархистичките идеи на панк сцената од осумдесетите се бунтува против нацистите, злоупотребата на луѓето и животните, хомофобијата, наркотиците, полицијата... и секако не потсетува дека не треба да кукаме за ‘‘старите добри денови‘‘ бидејќи сцената која сме ја имале некогаш, а што е најважно - таа што ја имаме сега, со својата енергија и искреност воопшто не заостанува зад светската.
        Самиот акцент на оваа филмска лента е ставен на почетоците на скопскиот инди рок бенд Bernays Propaganda, формиран во 2007 година, периодот поминат во студио за време на снимањето на нивниот прв студиски албум Happiness Machines и нивните размислувања во врска со музиката, како и јавноста. За да не мислиме дека во животот се е розово, во филмот се прикажани и конфликтни ситуации кои најчесто се последица на различните карактери и гледни точки на човекот како индивидуа
        Во меѓувреме, додека филмот да биде целосно завршен, Bernays Propaganda во склоп на многуте европски турнеи настапија во голем број европски градови, и секој нивни настап е позитивно оценуван и критикуван во медиумите, а нивниот втор студиски албум My Personal Holiday беше прогласен за албум на годината според plagij.at и Канал 103.
        На 8 Април во организација на музејот ,,Теракота‘‘ и Слободна зона во Виница беше прикажан „Ако никој не свири“, кој минатиот месец ја освои наградата за најдобар филм во регионалната конкуренција на петтото издание на фестивалот на документарен рок-филм ДОРФ, кој се одржа во Риека и во Винковци. Режисерот на овој филм - Ѓорѓи Јаневски присуствуваше на проекцијата и имавме прилика да го запознаеме и да слушнеме за дел од неговите искуства во врска со снимањето на филмот.

Маријана Иванова

No comments:

Post a Comment