Слободна Зона

Thursday, June 16, 2011

КОНЦЕРТ НА Т.Б. ТРАЧЕРИ ВО ВИНИЦА (08.01.2010г.)

          Велат кој чека – ќе дочека. Ние ја дочекавме вечерта кога виничката сцена за првпат ја нападнаа добро познатата Терористичка Банда ТРАЧЕРИ! (Во состав Кирчо Арсовски (гитара, вокал), Кирил Арсов (бас, придружен вокал), Ивица Димитриевиќ (гитара) и Андреј Анастасов (тапани).)
          На нејзино ’’разочарување’’ публиката, на која и беше многу удобно во седиштата, беше замолена да стане и се придвижи во ритамот на познатите рокенрол мелодии на овој уникатен, култен македонски бенд. На почетокот срамежливо – но потоа многу поопуштено фановите (кои ги имаше во навистина голем број, од повеќе градови) реагираа на шлагерските приказни кои Трачери ги раскажуваат во своите песни. Саркастичните и цинични стихови кои на многу би им звучеле неприфатливи овојпат публиката ги пееше едногласно со бендот, и најверојатно голем дел се пронајдоа во истите. По двата возбудливи биса сите ја напуштија Сината сала и трачерската еуфорија ја продолжија со дружење во некои од виничките кафулиња.
          Задоволен од концертот Кирчо Арсовски ја нарече Виница македонски Шефилд, а домаќинот Кирил Арсов изјави:
- Овој концерт им го посветувам на моите пријатели, моите родители и сите искрени поклоници на рокенролот од градот. 
Верувам дека фановите на Трачери со нетрпение очекуваат да излезе нивниот најнов албум, четврти по ред, од кој неколку песни беа изведени токму на овој концерт.
          Реакциите на публиката велат дека треба многу почесто да се организираат концерти од ваков вид за кои глувата македонска јавност нема високо мислење (или воопшто нема никакво мислење!). Благодарност до Дом на култура ’’Тошо Арсов’’ – Виница и секако до легендарните Трачери кои ни овозможија да присуствуваме на ваков настан, каков, за жал, во Виница се случува многу ретко.

Иванова Маријана



*Рецензијата беше објавена во локалниот винички весник ,,Винеам‘‘ во 2010г.




No comments:

Post a Comment