Слободна Зона

Thursday, June 16, 2011

BERNAYS PROPAGANDA ВО ВИНИЦА (02.07.2009г.)

          Инспирирани од поимот ''современа наука - односи со јавноста'' , налетувајќи на името ''Едвард Бернајс '' (автор на книгата Пропаганда), Васко, Кристина, Џано и Ненад решаваат да го формираат бендот Bernays Propaganda. Активностите кои музичарите во Скопје ги манифестирале јавно ги поттикнале овие четири личности да му се придружат на овој бран музика, најчесто со политичко-филозофски 'бекграунд' кој често е критикуван од публиката. 
Излегувајќи прв пат на македонската сцена во 2007 година, оставаат зачудувачки позитивен впечаток кај поголемиот дел од публиката. Но, чести се стереотипите за бендовите дека треба да се вреднуваат озвучувањата и посетеностите на нивните настапи. Овој бенд сака да го постигне сосем спротивното! Поентата во нивните настапи е да дискутираат со публиката пред, и после настапот, и да бидат запомнети не само како личности кои само си ја вршат својата работа, туку како личности кои ја искажуваат својата визија за светот преку музиката.
          Втори Јули (2009) беше денот кога бевме почестени со нивното присуство во нашиот град и имавме чест да проследиме еден нивни извонреден настап во живо. Љубителите на инди-рок музиката можеа да го проследат едночасовниот концерт во кафе ''Гала''. Според реакциите на многубројната публика (земајќи ја во предвид големината на нашево гратче) вакви настани би било добро да се случуваат почесто. Верувам дека на луѓето кои присуствуваа на овој концерт ќе им биде тешко да ја заборават таа летна вечер што Bernays им ја разубавија со својот извонредено квалитетен настап. 
          -''Колку ќе издржам сам со себе не знам, колку се познавам се плашам ако прогледам''...Откривање на себеси, отфрлање на принципите наметнати од општеството... Тешко да се направи и ретко кој го прави, но сепак има многу луѓе кои се трудат околу тоа, едни од нив се и ,,Bernays Propagandа''. Изразување на револтот и незадоволството преку музиката, внесување новости и едуцирање на поразличен начин, кај нас недоволно ценети и непознати, но сепак добро ни покажаа на сите нас, кои се, што се, за што се борат и колку нашето општество е пропаднато во својот сопствен измет... Накратко,одлична свирка, со уште подобра поука, и прекрасна едночасовнa забава и опуштање... Секоја чест!!! – прокометира Иван Ивановски кој исто така присуствуваше на овој настан.
          Мислам дека нашата најголема благодарност за овој несекојдневен настан, кој беше големо освежување во нашето еднобојно секојдневие, им ја должиме на бендот Bernays Propaganda и организаторот на концертот ,,ФАБРИКА 999''. 

Иванова Маријана



*Рецензијата беше објавена во локалниот винички весник ,,Винеам‘‘ во 2009г.


No comments:

Post a Comment