Слободна Зона

Sunday, July 31, 2011

Bei The Fish feat. Ola Dioss и Фолтин во клуб Effect - Виница

        По утрото се познава денот – а ние би рекле по почетокот на распустот се познава летото. Bei The Fish и Фолтин, фин старт, нели? Со заеднички напори и сили дечките од Слободна зона успејаа да не почестат со незаборавни концерти на овие познати македонски бендови.
        На 09.06.2011г. после полноќ на концертот на електро-поп составот Bei The Fish му претходеше настап на раперот Ola Dioss кој и со самиот бенд учествуваше во изведбата на неколку песни кои се наоѓаат на нивниот најнов албум. Скопската четворка за кратко време се вклопи во атмосферата која владееше во клубот и за која тие придонесоа да кулминира за време на нивната изведба. Рибата Беј (во состав: Огнен Анастасовски, Валентина Миновска, Ненад Тонкин и Владимир Настевски) скоро два часа ја заплискуваше публиката со свиоте љубовни приказни пронижани со ‘’danceable’’ електро мелодии. Пријатно изненадени и двете страни – публиката од извонредната журка која бендот ни ја овозможи, а тие пак од ‘’фидбекот‘’ кој го добиваа од истата (непрестано играње, пеење, громогласни аплаузи и секако, кој би останал рамнодушен на извиците ,,УУУУШТЕ! УШТЕ!‘‘- еден бис).
        Не ни успеавме убаво да си ги средиме впечатоците од таа вечер кога веќе наредната (10.06.2011г.) ги пречекавме Фолтин во истото време и на истата локација (клуб Effect – Виница). Љубовните тематики и страста беа опејувани и од овој бенд (Бранислав Николов –вокал, Пеце Николовски – кларинет, Гоце Јованоски – бас, Пеце Трајковски – хармоника и Славчо Јовев – тапани), но овојпат придружувани со многу поинаква музика која е тешко да се дефинира на кои музички правци им припаѓа. Кој ги слушнал претходно можеби и знаел кое добро го очекува, а оние кои не беа слушнале беа задоволни што си ја згаснаа жедта да чујат нешто несекојдневно и оригинално. Разиграната публика првпат типкаше љубовно писмо со помош на трансплантираната машина за чукање и едногласно ја потсети Милица на нејзината младешка љубов. Толку ни беше пријатен настанот што не сакавме да заврши и кутрите луѓе ги изнамачивме, искрено не се сеќавам колку пати ги вративме на бис.
       Овие две вечери беа вистинско енергетско освежување за повеќе генерации и затоа им укажуваме благодарност на клуб Effect и музеј ,,Теракота‘‘ – Виница кои ни излегоа во пресрет за организирање на настанот. Слободна Зона има уште многу планови за да го направи летото позабавно но за тоа е потребна вашата поддршка.

Маријана Иванова



*Рецензијата е објавена во локалниот винички весник ,,Винеам‘‘ во 2011г.