Слободна Зона

Monday, September 26, 2011

Фестивал ,,Слободна Зона‘‘ - Виница, рецензија

           Ставен на мета од страна на група млади за ден кој секоја година треба биде одбележуван со настани од културно – забавен карактер, денот на ослободувањето на Виница од фашизмот оваа година беше одбележан со целодневен фестивал каков што во нашиот град досега се немаше случено. Слободна, експлозивна, без воопшто некој да помисли на жолт картон, публиката (која реално ја имаше од сите градови во државава) несебично и еуфорично ја трошеше својата енергија на секој мал дел од сложувалката настани кои беа вклучени во програмата.
          Лоциран во градскиот парк фестивалот Слободна зона со својот широк и шарен спектар на настани кои се одвиваа од попладневните се до утринските часови ги задоволи сите вкусови и возрасти. Во склоп
на дневната програма свое претставување со уметнички дела имаа млади уметници од повеќе градови кои сметаа дека со своето учество ќе го засилат групниот удар кој Слободна зона и го зададе на масата кич напливи која секојдневно не дави . Група млади на своја иницијатива решија да учествуваат на фестивалот со тоа што ќе изведат живи скулптури на главната улица и во градскиот парк, а темите кои ги презентираа претставуваа во главно метафорично и по малку саркастично разработени ситуации од секојдневниот живот. Чистачот на чевли, дилерите на духовното, воинот на коњ,  сложните марионети и многу други замрзнати слики беа предмет на анализа на љубопитната публика која со големо внимание и целосна поддршка ја проследи нивната изведба.
           Музичкиот дел го отвори Diaz Kortez
со свеж DJ сет со funky deep house и nu disko вибрации  во форма на перформанс, со техника наречена ‘‘контролеризам‘‘ која вклучува семплови и cut-mix ефекти во живо. Први пред публиката дебитираа  составот Green Fuzz кои иако изведоа само пет од своите авторски песни беа доволно влијателни да ја подготват публиката за атмосферата што допрва ги очекува. Скопските  дарк денс-рок фаци ПМГ Колектив беа втори на лајнапот. Без влакна и други екстракти на јазикот фронтменот им ги залепи на присутните во лице приказните од векот за кој тие велат дека така добро започнал... како ќе заврши одлучуваме ние. Она што виничката публика го очекуваше со нетрпение беше настапот на инди пост-панк составот Bernays Propaganda, а тие нивниот очај за уживање во еден нивни концерт го забележаа по движењата (танцување, шуткање, скокање – наречете ги како сакате) и едногласното пеење на нивните песни. Скокотливи текстови со анти-политичка содржина зачинети со филозофија, бунт против злоупотребата на луѓето и животните се темите кои тие ги отворија... а фидбекот од другата страна на сцената покажа дека и тие се свесни за нештата што се случуваат околу,  оние кои не се свесни се оградуваат од настани каков што беше нашиот фестивал бидејќи таму можеби ќе осознаат работи кои ќе ги навредат и осудат нивните постапки. Трачери трет пат во Виница. Секој нивни нареден настап уште подобар од предходниот. Уште колку пати треба да ги донесеме за да го осознаеме нивниот и нашиот максимум?
          Слободна зона за слободни луѓе и настани, се залагаме за почесто слободна во иднина.

Иванова Маријана

*Рецензијата е објавена во локалниот винички весник ,,Винеам‘‘ во 2011г.