Слободна Зона

Sunday, August 19, 2012

Изложба на фотографии ,,Елегија за старата железничка‘‘ на Наташа Гелева


локација: галерија ,,Теракота‘‘
отворање: 19:00ч.


Елегијата како поетска форма изразува тивка тага и болка заради тоа што сè во светот е непостојано и минливо. Фотографијата сама по себе како медиум е нем бунт против непостојаноста. Еден момент се замрзнува во времето и станува сведоштво на минливоста. Се вели „Сè е минливо, само уметноста е вечна“. Тоа е вистинската вредност на уметноста - нејзината истрајност... „Елегијата“ на Наташа Гелева е визуелна ламентација врз уништените вредности кои требаше да бидат вечни. Заробени во фотографската рамка моментите стануваат сведоштво на непостојаноста како клучен принцип на постоењето. Субјектот во фотографиите се вклопува во пејзажот, моделот стои исправен пред руините на времето, служи како поткрепа и му дава живост и еластичност на мртвиот пејзаж. Човечкиот фактор е столбот кој ѝ дава хармоничност и потпора на деструираната убавина на рушевините. Самиот субјект не тера и да помислиме на историската улога на секоја индивидуа. Градителите ќе градат, рушителите ќе рушат, тоа е во согласност со космичките принципи на создавањето и уништувањето, креацијата и нејзината деструкција. Она што фотографиите на Наташа Гелева сакаат да ни го пренесат како порака е дека секој треба да ја чувствува одговорноста за зачувувањето и создавањето наубавината, дека човечкиот фактор е столбот кој ја воспоставува или, пак, ја нарушува рамнотежата. Во фотографиите од оваа серија наречена „Елегија за Старата железничка“ човечкиот објект како да се труди да ја воспостави пак таа рамнотежа во усилбите комплетно да се вклопи во рушевината, да биде нејзина „жива“ закрепа, последен столб кој ја држи целината заедно. Забележлив е грчот за да се одржи таа состојба, како последна усилба да се задржи времето и како признавање на поразот и слабоста на човечката природа. Оттаму е и лиричноста на фотографиите од изложбата кои се визуелни елегии и занемен бунт против времето кое одминува.
                                                                                                     Менче Здравкова




1 comment:

  1. This is a great photograph, really gritty, true-to-life feeling. Odlicno!

    ReplyDelete